петак, 23. август 2013.

                                              ПОЖАРАНСКА  РАБОТНА АКЦИЈА

Тоа утро  далечната 1975 година, од сон не разбуди топлиот и неуморен глас на најстариот член на семејството со зборовите „ајде станувајте сите, денес ќе одиме на работна ација“. 

Зборот „работна акција“ кај нас помладите како да пробуди посебен интерес бидејќи како во семејството така и во секојдневниот жаргон  на селото овој збор мошне малку или воопшто не се употребуваше. Она што во тој момент беше повеќе од сигурно е дека тоа утро целото семејство ќе одмине на некаква работа и толку.
ГЛАВНИОТ СОБИРЕН БАЗЕНТ ЗА ВОДА-ВЛЕЗ ВО ИСТИОТ
 Брзо се спремивме за работа,  и додека појадувавме добивме и поконкретно објаснување за работниот ангажман во денот кој што престоеше пред нас. 
Овој пат, истиот член од семејството ќе продолжи со своето дообјаснување: „Вчера навечер, во селската задруга беше одржан состанок на Месната Заедница и беше донесена одлука да се пристапи кон реализација на проектот за изградба на селслки водовод. Од денес и наредните неколку дена,  сите мешатни од селото ќе се вклучат во  ископ на канал долж предходно зацртаната траса по која треба да се протега истиот. Нашето место за работа е определено во месноста „Почијалец“ каде треба за се ископаат педесетина должни метри од каналот“- го заврши својот коментар и излезе од просторијата во која појадувавме.  

Кога привршивме со појадокот и излеговме во дворот од куќата, мноштво од лопати, мотики, казми , копачи и друг прибор за работа веќе беше подготвен и чекаше да биде подигнат. 
Месноста „Почијалец“ каде требаше да се врши ископот се наоѓаше околу двесте метри над „Бучковци Маало“, покрај самиот пат кој водеше до оближните ниви. Кон оваа локација со алати во рака се движеа и други мешатани од селото. 
Од ова место, долж трасата гледано во праец кон месноста „Бучкови Ливади“ можеше да се забележи како некои жители од селото веќе имаа започнато со работа. Раздвиженоста и жагорот од луѓе беше присутна скоро на секој чекор.
 Мојот стрико кој беше вклучен во групата околу техничката реализација на овој проект, во раката држеше една голема ролна од хартија која преставуваше некаква скица или елаборат со сите пропратни емлементи, димензии на истите и правец на протегање на идниот селски водовод. Наголемо се споменуваше името на градежниот инженер – академскиот професор и наш соселанец Крстески Игно, кој  беше главен проектант на водоводот и изработувач на неговиот елаборат, додека целокупната финансиска конструкција околу овој проект беше обезбедена од страна на  Месната заедница на село Пожаране во содејство со самодоприносот од мештаните.
ГЛАВНИОТ ПРОЕКТ НА ВОДОВОДОТ ЗА СЕЛО ПОЖАРАНЕ
Иако бев во млади години и недоволно ги разбирав тие нацрти, сепак по кажувањето можев да заклучам дека се работи за еден многу голем, амбициозен и за селото и те како важен инвестиционен проект кој што чекаше на конкретна  реализација. 
ДАТУМ И ПОТПИС НА ГЛАВНИОТ ИЗГОТВУВАЧ НА ПРОЕКТОТ
Во разговорите помеѓу членовите на акционата група предводени од најодговорниот Алексоски Трајко се споменуваа: траси, каптажи, прекидни комори, шакти, збирен базент како и цевки и испусни вентили – нешто што за мене дотогаш беше непознато. Лесно можеше да се забележи дека трасата на идниот водовод која беше предходно околчена на терен, се протегаше од самиот извор кој се наоѓаше во месноста „Дробеш“, па надолу по најкраткиот пат преку „Бучкови Ливади“ и „Почијалец“ до „Бучковци Маало“ каде требаше да се изгради големиот збирен базент за вода.


ДЕЛОВИ ОД ПРОЕКТОТ НА ВОДОВОДОТ
Ископот на каналот по трасата долга 2,5 километри, по која требаше да се протега идниот водовод беше завршена за реконрдно време. Веднаш потоа со возила почна да се врши дотур на долги салонитни цевки, вентили, спојници и други елементи и истите да се вградуваат во ископаниот канал. 

Во меѓу време се отпочна со изградба и на главниот базент за вода веднаш до самото џаде од „Бучковци Маало“ со капацитет од 60 метри кубни вода..  За многу кратко време и овие градежни работи беа завршени. 
Се изврши затрпување на цевките во каналот, и отпочна со ископ и изградба на сеската водоводна мрежа. Овој пат место на работен ангажман на моето семејство беше дворот и градината од куќата во која живеевме и низ кои поминуваше трасата на водоводната мрежа. 
Поточно кажано, селската мрежа кон самото село се развиваше во два крака: едниот од „Бучковци Маало“кон „Волчевци“ и „Печовци“, додека другиот исто така од „Бучковци Маало“кон „Јанковци“ и „Долно Маало“. Само да напоменам дека во поставувањето на водоводните цевки и изградбата на водоводната мрежа активно беа вклучени и стручни лица од сега јавното претпријатие „Водовод“ од Гостивар. 

По повод свеченото пуштање во употреба на селскиот водовод, месната заедница од село Пожаране приреди и сеопшта народна веселба. Како денес се присетувам на тие моменти кој што никогаш нема де се избришат од моите спомени. Колку само убаво и весело изгледаше селото во тој момент и време. Задоволството и насмевка беа присутни на лицата на сите мештани и присутни гости . 
Прославувањето започна рано наутро и траеше се до доцните вечерни часови. Најапред маса од луѓе: стари, млади, возрасни, деца, некои од нив во селска свечена облека, се собраа кај главниот базен во „Бучковци Маало“ каде со сечење на лента го означија почетокот на употреба на селскиот водовод а потоа се премина кон сеопштата народна веселба која се изведе во срцето на селото- дворот на селскиот Задружен дом.

Подоцна, за потребите на селото во 1995 и 2005 година извршена е комплетна реконструкција и модернизација на целокупната водоводна  мрежа. Беа изградени два нови крака во должина од по 3 км со кој беа зафатени водите и од други извори од атарот на село Пожаране ( извори на вода во месноста „Калдрмје“) и истите вклучени во главниот водовод, како и целосна замена на подземните азбесни цеви со нови-пластични од типот ПВЦ.
 Со тоа,  овој водовод долж целата негова траса се протегаше на растојание од нешто повеќе од 8 километри вкупна должина. 

Под покровителство на месната заедница од селото, како и големата самопожртвуваност, ангажман и помош на мештаните: Деспот Алексоски и Лазе Димчески, со овие подоцнежни инвестициони зафати се овозможи низ селскиот водовод да блика вода и во времето на најголемите летни горештини и суши. 
Со тоа, Пожаране стана не само село на многу чешми туку и село со свој сопствен водовод.
ВО СЕКОЈА КУЌА И ДОМ ПОТЕЧЕ ВОДА ОД СЕЛСКИОТ ВОДОВОД
Така беше тогаш, така е и сега со пожаранскиот водовод. Низ неговите водоносни вени сеуште тече чиста и убава вода за пиење, како што впрочем  тоа го посакуваат и мештаните на многу други села во Полог кои до ден денес сеуште имаат проблеми со водоснабдувањето. 

Но за жал, онаа народната  кај што има вода има и живот“ како да престана да важи за ова село бидејќи вода има се повеќе а живот се помалку. Она што посебно загрижува веќе подолго време наназад е фактот што животот во село Пожаране полека но сигурно изумира бидејќи во него од ден на ден има се помалку жители и посетители кои сакаат да другаруваат со природните убавини и добра кој што се нудат во изобилство.
ЧЕШМА И ВОДОВОД НА ИСТО МЕСТО
 Загрижувачка и мачна беше констатацијата на еден мој драг пријател, кој во еден неврзан разговор за селото ќе рече „ оваа пролет некаде околу пладне направив прошетка низ селото со цел да се видам со некого за да поразговараме. Жив човек не можеше да стретнеш, ниту со добар ден некого да поздравиш. Вака во селото никогаш не било порано“

Потенцијалната можност за ревитализација на животот во село Пожаране е огромна. Треба само конкретна иницијатива, слога и мудри луѓе кои ќе можат да го понесат товарот од овој и те како тежок проблем за селото.

Дали селските татковци конечно ќе направат чекор напред во насока животот во ова село повторно да заживее,  останува да се надеваме и видиме.. Впрочем, надежта е таа која последна умира, нели..... ?????

_____________________________
Автор на текстот: Боге Војноски



БЛОГОВИ ЗА СЕЛО ПОЖАРАНЕ:

http://pozaranskiterodovi.blogspot.com/
http://pozaranskicinar.blogspot.com/
http://pozarane.blogspot.com/
http://buckovci.blogspot.com/
http://pozaranskitevodopadi.blogspot.com/
http://pozaranevodenica.blogspot.com/
http://pozaranesokolec.blogspot.com/
http://pozaraneuciliste.blogspot.com/
http://pozaranskiprosvetiteli.blogspot.com/
http://dragevojnoski.blogspot.com/
http://pozaraneselo.blogspot.com/
http://pozaranedrama.blogspot.com/
http://pozaraneprikazna.blogspot.com/
http://pozaranezadruga.blogspot.com/
http://pozaranefudbal.blogspot.com/
http://pozaranelaga.blogspot.com/
http://pozaranepolitika.blogspot.com/
http://pozaranesvadba.blogspot.com/
http://pozaranepesna.blogspot.com/
http://pozaranefudbal.blogspot.com/
http://pozaranevodovod.blogspot.com/